Bible

Transform

Your Worship Experience with Great Ease

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Chronicles 33

:
Macedonian - 2006
1 Манасија беше на дванаесет години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим педесет и пет години.
2 Тој го правеше она што не беше угодно пред очите Господови, поведувајќи се по гадотиите на народите, кои Господ ги беше прогонил од лицето на синовите Израелови.
3 Изгради пак идолски светилишта, што ги беше урнал таткото негов Езе­кија, им издигна жртвеници на Ваалов­ци, подигна млади шуми и се поклонуваше на целото небеско воинство и му служеше;
4 изгради жртвеници и во Господо­виот дом, за кој Господ беше рекол: „Во Ерусалим вечно ќе престојува името Мое.“
5 Изгради и жртвеници на целото небеско воинство во двата трема на Господовиот дом.
6 Тој ги преведуваше преку оган синовите свои во долината на Хиномо­виот син, гаташе, вражаше и маѓепсуваше; и повика извикувачи на мртви и волшебници: тој правеше многу лоши работи пред очите на Господ, за да Го разгневи.
7 Направи уште и извајан идол и го постави во Господовиот дом, за кој Бог му беше рекол на Давид и на синот негов Соломон: „Во тој дом и во Еру­салим, што го избрав меѓу сите племиња израелски, ќе го положам името Свое засекогаш;
8 и нема да оставам во иднина да излезе ногата израелска од таа земја, што ја утврдив за нивните предци, само ако тие се потрудат да го прават сѐ она, што сум им го заповедал во целиот закон и наредбите и заповеди­те, дадени преку раката Мојсеева.“
9 Но Манасија ја доведе Јудеја и ерусалимските жители дотаму, што постапуваа полошо и од оние народи, што Господ ги истреби од пред лицето на израелските синови.
10 Господ му говореше на Манасија и на луѓето негови, но тие не послушаа.
11 Затоа Господ ги испрати против нив военоначалниците на асирскиот цар, кои го оковаа Манасија во окови, го врзаа со вериги и го одведоа во Вавилон.
12 И во таа тешка неволја тој почна да Го моли Господа, својот Бог, и длабоко се понизи пред Бога на своите предци.
13 Му се помоли Нему, и Бог се приклони кон него, ја чу молбата не­гова и го врати во Ерусалим во цар­ството негово. И разбра Манасија дека Господ е Бог.
14 Потоа тој изгради надворешен ѕид на Давидовиот град, западно од Гион, по долот и до влезот на Рибните Порти, и околу Офел и го издигна високо. По­тоа постави воени начал­ници по сите утврдени градови во Јудеја,
15 ги отстрани туѓите богови, идолот од Господовиот дом и сите идолски светилишта, што ги беше изградил во гората на Господовиот дом и во Еру­салим, ги исфрли надвор од градот.
16 Го обнови жртвеникот Господов и принесе на него жртви, помирителни и благодарствени, и им порача на Јудеј­ците да Му служат на Господ, Бог Из­раелов.
17 Но народот уште принесуваше жртви по идолските светилишта, но и на Господ, Својот Бог.
18 Другите дела Манасиеви, молитвата негова кон својот Бог и зборо­вите на јасновидците, кои му говореа од името на Господ, Бог Израелов, се наоѓаат во Книгата за царевите израелски.
19 И молитвата негова, и тоа, што Господ се приклони кон него, и сите не­гови гревови и беззаконија, и местата, по кои беше издигнал жртвеници и поставил ликови на Ашера и идоли, пред да се понизи, опишани се во за­писите на Хазај.
20 И почина Манасија кај своите предци, и го погребаа во домот негов. А на негово место се зацари синот негов Амон.
21 Амон беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим две години.
22 И тој го правеше она што не беше угодно пред очите Господови така, како што го правеше тоа татко му Манасија: на сите идоли, што ги беше направил татко му Манасија, Амон им принесуваше жртва и им служеше.
23 И не се понизи пред Господ, како што се понизи таткото негов Манасија; напротив, Амон ги наголеми гревовите свои.
24 Слугите негови се побунија против него и го убија во домот негов.
25 Но народот во земјата ги изби сите оние, што беа во бунтот против царот Амон, и место него народот на таа зем­ја го избра за цар синот негов Јошија.